Станува збор за книга во која авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори. Во книгата се опфатени записи од целиот творечки живот на Урошевиќ. Првите текстови датираат од 1959 година, а некои од последните текстови се напишани непосредно пред излегувањето на книгата. Книгата на фрагментарен и концизен начин нуди преглед на согледувањата на тоа што за авторот претставува поезијата, нејзините преокупации, цели, суштински карактеристики, како и нејзината иднина во времето кое сè повеќе ја маргинализира.
Влада Урошевиќ е македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач.
Роден е во Скопје во 1934 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 година станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Урошевиќ е член на ДПМ од 1961година. Исто така, тој е член на МАНУ, како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург и член на Македонскиот ПЕН центар.
Добитник е на повеќе награди и признанија: „Младост“, „Нолит“, „Рациново признание“, „Браќа Миладиновци“ (три пати), „Григор Прличев“ (два пати), „Стале Попов“ (два пати), „Книжевен жезол“ и други. За својот книжевен опус, како и за своите заслуги во преведувањето и афирмирањето на франсуската литература, прогласен е од Владата на Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред.
Влада Урошевиќ има објавено преку триесет авторски книги, преку четириесет преводи, а застапен е и во многубројни домашни и странски антологии. Неговите книги се преведени на англиски, француски, шпански, германски, дански, полски, словенчки, бугарски, српски и други јазици. Еве дел од неговиот творечки опус:
Еден друг град (поезија, 1959) Невиделица (поезија, 1962) Вкусот на праските (роман, 1965) Манекен во пејзажот (поезија, 1967) Летен дожд (поезија, 1967) Знаци (раскази, 1969) Врсници (критики и есеи, 1971) Ноќниот пајтон (раскази, 1972) Ѕвездена терезија (поезија, 1973) Нуркачко ѕвоно (поезија, 1975) Сонувачот и празнината (поезија, 1979) Мрежа за неуловливото (критики и есеи, 1980) Лов на еднорози (раскази, 1983) Компасот на сонот (поезија, 1984) Нишката на Аријадна (критики и есеи, 1985) Хипнополис (поезија, 1986) Подземна палата (есеи, 1987) Демони и галаксии (студија, 1988) Панична планета (поезија, 1989) Алдебаран (записи и патописи, 1991) Митската оска на светот (критики и есеи, 1993) Ризиците на занаетот (поезија, 1993) Мојата роднина Емилија (роман, 1994) Паники (поезија, 1995) Дворскиот поет во апарат за летање (роман, 1996) Париски приказни (записи и патописи, 1997) Астролаб (критики и есеи, 2000) Дива лига (роман, 2000) Мане, текел, фарес (поезија, 2002) Невестата на змејот (роман-бајка, 2008) Седмата страна на коцката (раскази, 2010) Размена на пораки (раскази, заедно со Тања Урошевиќ, 2013) Тајна мисија (раскази, 2013) Тајно злато (поезија, 2016) Маџун (роман, 2018)